Mаркетингот во нашево општествено и бизнис живеење е неправилно разбран и интерпретиран, а за тоа сведочат следниве фотографии (screen shot-ови), како своевиден преседан во нарекување „МАРКЕТИНГ“ на телевизиските реклами, интернет банерите, секциите од интернет страниците за склучување на договор за рекламирање или слични други позиции, секаде кадешто рекламата или огласот „замешуваат прсти“.
Имено, македонските телевизии (секоја чест на исклучоците) кога треба да емитуваат тв реклами и за тоа ја прекинуваат телевизиската програма, со огромни букви на своите форшпани ни пишуваат М А Р К Е Т И Н Г ! Небаре ќе ни го емитуваат маркетинг миксот на нивните клиенти со производ, цена, дистрибуција и промоција. Наместо краткото и јасно ЕПП (економски пропагандни пораки, ПП - пропагандни пораки) или она обичното безболно РЕКЛАМИ - тие сакаат нешто понаучно, посериозно, подлабоко, позначајно - МАРКЕТИНГ! ... ЕПП-то коешто до пред некои си десетина години беше испишано на телевизиските екрани, пред нашите менаџери, (а потоа и транзициската општа-јавност) да чујат за пософистициран термин „маркетинг“, стана тотално неправилно исфрлена кратенка, како да е заостанат комунистички остаток од кое што побрзо треба да се исчистиме. Сега се пишува само „маркетинг“ - тоа звучи многу пострански и што е најбитно, покапиталистички! Снобови!
Се надевам дека телевизиите и интернет порталите со тек на време ќе научат дека постојат и „се борат“ за рекламирање - огласување, а не „маркетинг“; заработуваат од рекламите и огласите, а не од „маркетингот“ на клиентите. Но, она што уште посилно се надевам дека конечно маркетингот во нашево општество ќе го достигне она достојно и соодветно ниво, кога најголемиот дел од граѓаните ќе прават разлика помеѓу рекламирање и маркетирање, оглас или маркетинг микс, маркетингшки трик или маркетинг концепт и нема да се случува вакво несоодветно мешање на толку добро разграничени термини.
*Сите screen shot-ови се случајно одбрани, без соодветна тенденција да се истакне, па потоа оцрни некоја веб страница, туку напротив, нивниот избор се базира на фактот дека котираат високо на скалата на свесноста (brand awareness) и скалата на преференциите (brand preference)!
**Сите screen shot-ови на телевизиите се уште повеќе случајни, соодветно на веројатноста на нивно можно регистрирање додека форшаните одат во етер!
***Листата на телевизиски screen shot-ови ќе биде набрзо надополнета.