Read more: http://maiasfotos.blogspot.com/2010/03/customize-style-static-pageshide.html#ixzz1cUksQ6Lq

недела, 23 октомври 2011 г.

Технички и маркетинг грешки во малиот банер за ,,против семејното насилство”

Доколку го погледнете поубаво малиот банер кој долго време излегуваше во десната лента наменета за реклами на facebook, ќе можете да забележите голем број маркетинг и технички  грешки. Толку мал банер, а толку многу грешки. Да започнеме со нивното дефинирање:


1. Банерот започнува со „НЕ“ – негацијата која треба да му даде дискредитација на семејното насилство, и истата е во наводници. Колку и да е во случајов  граматички коректно да се стават наводници, од перцептивен аспект, може да алудира на стилска форма на иронизирање, алудирајќи токму на неговото спротивно дејство – ,,ДА”!


2. Кога веќе дизајнерите решиле да стават наводници барем да ги назначеле точно. Според македонскиот правопис наводниците ги означуваме со ,, “ (долни и горни наводници) – грешка којашто во банеров се повторува двапати.

3. Наредно, можеме да го забележиме создавањето на когнитивна дисонанца во двете прости и мали пораки кои имаат сосем спротивен исказ! Едната вели ,,НЕ за ...”, а другата вели ,,МОЖЕШ и ти!”. Едната парола забранува и негира, а другата поттикнува и мотивира. Без дополнителни објаснувања, перцептивно овие два ,,слогани” праќаат дијаметрално спротивна порака!

4. Како наредна, 4та грешка можеме да ја потенцираме несоодветно избраната слика. Доколку се работеше за голем рекламен банер, можеби сликава ќе беше соодветна, но во случајов ние не можеме да прочитаме за што е тоа што ,,И НИЕ МОЖЕМЕ”. Што од друга страна и не е маркетинг, туку техничка грешка, бидејќи таквата нејасна, невидлива порака може да поттикнува на дополнително отворање на банерот, со линкување до страницата – што всушност е целта на банерот.

5. Нејасно е објаснувањто на рекламата којашто вели ,,да се обединиме со цел да ги поттикнеме жртвите на семејно насилство да кажат НЕ”.  Покрај двата несоодветни слогани, сега имаме и сосем различно објаснување кое повикува на нешто сосем друго, односно прави хаос во поглед на таргетот кон кој е насочена оваа порака: кон 1) насилниците, 2) жртвите, 3) ,,сеирџиите“??? Дали насилниците треба да му кажат НЕ на насилството? Дали жртвите треба да се спротивстават на насилството? Или пак МОЖЕШ И  ТИ ги вклучува ,,гледачите” на истото?

6. Грешка од социјална природа. Статистички е докажано (дури и во нашата земја) дека во последно време се поголем број жртви од семејно насилство се и мажите! Зошто пораката зборува за жените-жртви и во буквална смисла стигматизира и дискриминира? Зарем не треба секој да биде заштитен од него, без разлика на полот или возраста? Каде се тука децата? Зарем ќе правиме посебни кампањи за жени, мажи и деца?  

Како заклучок, може да истакнеме дека се работи за мала, но хаосна реклама, без соодветна таргет група - во исто време насочена кон 3 сосема различни таргети, со 3 различни пароли - секоја спротивна на претходната.

Резултатот не’ води кон целосно банализирана, неприметлива реклама и без никаков ефект, за сложено и осетливо прашање какво што е семејното насилство – проблем за којшто е потребен целосен и детален пристап за сузбивање на истиот, наместо скромни facebook банерчиња.





comments