Во ситуација на драстична партизација на сите аспекти на македонското политичко и секојдневно општествено живеење, дојдовме до степенот на силна поделеност на населението, дури и преку голем број на природни идеологии со различни вредности, за жал спротивставени по својата природа. Па така, одредени вредности како патриотизмот (и светски непопупуларниот) национализам или сакањето и почитувањето на својата држава или пак спротивното - несакањето и непочитувањето на својата држава, и нивното било какво јавно искажување, почна да доведува до поврзување со една или друга партиска „идеологија“. Во сиот тој „Гордиев јазол“, најзаплеткани се најдоа не само партиските членови, туку и медиумите и самите граѓани. Но, целта на овој текст не е дискутирањето на позитивните/негативните причини, последици или пак нивното едноставно констатирање во оваа деликатна општествена ситуација, туку анализа на еден интересен случај, кадешто маркетингот со своите спинови може успешно да влијае врз извртувањето на перцепцијата во своја полза.
Без да навлегуваме во полемики и продлабочувања, а уште помалку да исправаме партиско политизирани ,,криви Дрини”, ќе ги земеме работите здраво за готово, какошто важат во македонската (медиумска) јавност (какошто во овој случај ги декларираше А1 телевизија во дебатната емисија на Студио 2) – поделеност на „патриоти и предавници“.
Во случајот, на страната на ,,патриотите” А1 Телевизија го повика новинарот Миленко Неделковски, а на стрaната на ,,предавниците” Жарко Трајановски, активист за човекови права и колумнист.
Жарко Трајановски, знаејќи дека е повикан како застапник на „лошите дечки“ и на страната којашто во колективната свест е силно перецепирана како најнегативна, на којашто Данте и го одредил место дури во последниот ,,9ти круг на пеколот”, прави еден успешен спин со цел да ги неутрализира негативните перцепции натоварени на неговиот грб.
Господинот Трајановски облекол црвена маичка со македонското знаме, на којашто
пишува Република Македонија – акт кој во борбата на перцепциите му носи огромна победа! Тоа е типично перцептивно заслепување на јавноста, посебно на оние граѓани кои имаат негативно мислење, поттикнато од неговиот имиџ на „предавник“ и води кон ублажување на негативните емоции кон него. Спинот е толку успешен што дури врши директно сузбивање на сите негативни мислења за Трајановски во улогата на предавник, па дури и уверување во спротивното – дека можеби под површината навистина се работи за вистински патриот!
За разлика од него, господинот Неделковски, во својот препознатлив стил, во студиото пристигна во спортска облека – нешто што дополнително би го намалило неговиот и онака низок експертски кредибилитет.
Доколку би се работело за спротивен случај, Неделковски во патриотската македонска маичка, а Трајановски во црниот дуксер, резултатот би бил катастрофален. И двајцата преку симболи банално би ја потврдиле вистинитоста на нивните карикирано наметнати епитети.