Креативниов билборд, дело на PUBLICIS (не е на Idea Plus Communications - извинување до Publicis!!!!), на одличен начин ја презентира паниката кај авто-застапниците, кои со брза реакција решија да пробаат да ги предомислат купувачите во купувањето на половни автомобили на новиот, сега, раздвижен „автопазар“.
Стравот и паниката можеме многу лесно да ги почувствуваме токму преку овој мирен, стабилен и „едногласен“ билборд. Оваа реклама кажува многу јасна, прецизна и сериозна порака, на чиста, обична и стабилна позадина - без визуелно да попречуваат било какви непотребни елемети кои би го одвлекле вниманието од важната порака.
Пораката којашто се испраќа е суптилна, ненападна и содржи визуелен приказ од само два предмета (два различни видови клучеви) кои се, со по една реченица, кратко и прецизно објаснети. Токму во оваа маркетинг тишина можеме да ја видиме „гласноста“ на билбордот и апелот којшто го емитува!
Можеме да истакнеме дека во оваа реклама е комбинирано вијанието од три апели кои сукцесивно се појавуваат:
Најпрвин, суптилно евидентен е апелот на страв, кој се јавува веднаш штом гледачот го сфати „трикот“ на пораката, а потоа се оставени неколку секунди за гледачот да размисли и да ја процесира пораката во својата глава.
Доколку ситуацијата ја набљудуваме во второ лице, психолошката обработка на информациите би била се одвивала на следниов начин: Откако сте го здогледале билбордот и сте ја осетиле „рационалната“ порака на емоционалниот апел на страв, неколку секунди подоцна можете да го осетите и присуството на следниот апел - апелот на гордост. Во овој случај, апелот на гордоста повеќе е насочен кон машката популација, бидејќи билбордов е типично „машки“, произлезен од, исто така, машки производ (за волја на вистината и успешноста на капањата, се атакува само на мажите, занемарувајќи ја жената како корисник на производот). Гордоста има улога морално да ве „скрши“, па почнувате да чувствувате социјален притисок и засраменост дека потфрлувате во процесот на „одржување на задоволството“ на вашето его пред самите вас и пред неформалните групи во вашата непосредна околина, преку купување на половен, стар и по default „расипан“ автомобил.
Додека поствесно размислувате дали можете да живеете со „срамот“ возејќи го стариот авотмобил во околина којашто го става на пиедестал новото, модерното и скапото (изразувајќи го токму преку предметите кои го одредуваат животниот стил и статусот во општествените класи), конечно почнувате да го осетувате последниот и најсуптилен апел. А тој ви нуди безрезервно пријателство и поддршка дека има кој да ви помогне во тешките случаи на таквата непријатна ситуација, во кое вашето его (теориски правилно - вашиот ид) бара социјално и емоционално задоволување, засилен со рационалната страна на техничкиот фактор – проблемот што ќе го имате со расипувањето на стариот автомобил.
Билбордов може да го даде својот посакуван резултат доколку имате малку повеќе парични средства со склоност кон трошење и ви значи вашиот углед во околината, а посебно доколку повеќе ве исполнува емоционалното задоволување отколку рационалното размислување – тогаш, вие веднаш можете да бидете зграпчени во оваа одлична маркетинг замка!
И за крај, можеме да дадеме само СИЛЕН АПЛАУЗ за овој одлично сработен билборд, вооружен со соодветни апели, кои сериозно можат да дадат ефект во новозатекнатата состојба на пазарот, каде положбата на нарачувачот е загрозена и истиот се обидува со маркетинг трикови да ги оствари своите продажни цели.