Read more: http://maiasfotos.blogspot.com/2010/03/customize-style-static-pageshide.html#ixzz1cUksQ6Lq

понеделник, 24 октомври 2011 г.

Под лупа: Реклама за алкохол на „вистинското“ место

Доколку треба да генерализирам и без детални анализи, да констатирам која е главната целна група за конзумација на жестоки алкохолни пијалоци (не земајќи ги во предвид единечните пазари на посебните марки на алкохолни пијалоци) дефинитивно како најголем и најобемен конзуматор на алкохол, во прв ред, (за жал) ги посочувам студентите, а понатаму и средношколците. Оваа констатација нема улога на критика на начинот на живот во денешното општество, со акцент на состојбата на младите луѓе и кои се причините за истата, туку напротив, ќе ја искористам за една маркетинг забелешка или да „отворам еден случај“ за тоа како рекламите на алкохолот секогаш знаат да застанат пред очите на нивниот најголем конзумент - најпосакуван таргет!

Низ моето четиригодишно студирање, речиси секое излегување од портите на универзитетот и мое упатување кон дома, беше „под спонзорство“ на Smirnoff – најпопуларната и (таканаречена) најквалитетна водка, за која моите врсници знаат да кажат „дека е убедливо најдобрата“. Се работи за една незабележителна, но многу влијателна „реклама“ на Smirnoff поставена веднаш спроти главниот влез/излез на комплексот на факултети кај Мавровка, чиј натпис можете да го прочитате штом решите да тргнете по патот кон дома. Секако, не е случајна оваа поставеност, токму, спроти најголемиот универзитетски комплекс, кадешто циркулира, секојдневно влегува и излегува, огромна маса на студенти, бројка која се мери во повеќе илјади. Токму на излезот на таа порта можете да го забележите логото на Smirnoff, кое е многу јасно испишано во далечината, на онаа висина, да може да биде забележано од очите на било кој просечен студент.  


Што мислат младите за Smirnoff? -Таа е најквалитетна водка, малку поскапа, но не претерано скапа за да биде гледана како луксузен недостапен жесток пијалок; водка со најдобар вкус, секогаш пожелна кога има можност дополнително да се плати за да се набави; и како најбитно, водка чие конзумирање не носи последици, односно водка „ослободена“ од мамурлак. Smirnoff е перцепирана како пријател бидејќи од неа никогаш не боли глава, таа е посакувана и ценета, а пиењето на останатите (ценовно слични или ценовно пониски) субститути е проследено со мало негодување. Полн погодок! Вистинскиот производ пред вистиските очи!

Изложеноста пред очите на студентите во овој случај е огромна доколку го земеме во предвид фактот дека еден студент во просек студира околу 4 – 4,5 години, и доколку тоа време го помножиме по (грубо земено – без викенди, лето, испитни сесии и други денови ескивирање од часови) 200 дена/пати (во годината кога излегува на тој излез) е еднакво на 800 пати изложеност скоро секој поединечен студент од многуте илјадници студенти! Солидни БРУТО РЕЈТИНГ ПОЕНИ!

И што? Сигурно голем дел од вас сигурно се прашувате како може тоа да влијае врз зголемувањето на продажбата на Smirnoff на нашиот пазар?! Најпрвин, да разјасниме дека паното навистина не може да влијае кон директно квантитативно зголемување на продажбата или профитот, ниту пак кон подобрување на имиџот на Smirnoff, бидејќи нема некаква анимативна улога. Но, функцијата на оваа „реклама“ не се состои во директно предизвикување зголемена продажба, туку има многу посуптилна, контроверзна и подлабока улога. Иако ова пано е мало парче од мозаикот, сепак тоа е доволно значајно, за туку така да го дискредитираме!

Тоа има улога да ја зголеми визуелната перцепциска свесност за логото на Smirnoff, коешто проекциски се вметнува во свеста на гледачот, за понатаму идентификацијата и препознавањето на истото да биде целосно олеснета и автоматска. Аналогно на тоа, гледачот кој бил изложен неколку стотини пати на логото на овој производ, во остатокот од својот живот ќе има огромна свесност за истото, и каде и да го забележува ќе го перцепира како многупати виден и познат производ – со длабока историја во неговата свест. Со тоа производот станува визуелно близок, достапен и „секојдневен“, како да бил постојано дел од животот на гледачот. И се разбира, кога тој ќе биде соочен со голем избор на слични марки, погодете за која ќе се одлучи (секако доколку останатите елементи од маркетинг миксот се поволни)! Повеќе од тоа не може да посака ниту еден маркетер! 


Се разбира, нашево рекламно пано, можеби, и нема до толку силна и револуционерна улога, но сепак е поставено на правото место и ја има токму целта за која штотуку зборуваме. Па, и да исполни барем половина или третина од ова што денес набројавме, тоа ја извршило својата фунцкијата повеќе од одлично!

......

Да биде оваа маркетинг приказна поинтересна, пред речиси 2,5 години на Smirnoff надворешното рекламно пано, закачено на трговскиот центар Мавровка, му се придружи и неговиот алкохолен колега, господин Johnnie Walker. Сега, овие два најдобри бренда во својата класа на жестоки пијалоци, ја красат Мавровка, висејќи веднаш пред очите на „жедните“ студенти. Коинциденција? 




 Не би рекла!

comments