Т-Mobile треба да знае една работа, дека не треба да ги крева очекувањата кога не може да ги исполни!
Не говориме за „официјалното“ доаѓање на Шакира или наводното „пристигнување“ на Кети Пери на македонскиот аеродром - информацијата која вчера го дрмаше македонскиот електронски етер и ги наполни срцата со масовна хистерија, која резултираше со максимална посетеност на скопскиот плоштад. Не, не станува ни збор кој ги произнесол таквите информации и со каква цел, дали тоа е Т-Мобиле лично, или некоја несовесна медиумска агенција - шпекулант. Нам како општа јавност, не не интересира точноста на информацијата, се додека таа масовно се шири и предизвикува некаква галама-врева или buzz, која понатаму се претвара во вистина, очекување и некаков производ (во случајов, огромен централен собир)!
Впрочем, Т-Mobile има сосема чиста совест бидејќи на фејсбук профилот ноќеска демантираше дека се работи за Шакира, но остави огромен простор за слатко ГОЛЕМО изненадување, од речиси идентичен калибар на познатата светска ѕвезда, радувајќи се на антиципираната масовна посетеност!
Но, тоашто Т-Mobile, не го претпостави е можноста да, пост-огромниот собир, кој се создаде како последица на нивната информација во јавноста (а велам нивна, бидејќи воопшто не ме интересира чија е - се додека Т-Mobile не се обиде да ја сопре и спинува, туку напротив организаторите мирно си ќутеа и слатко се смееја) е сценариото што ќе се случува по завршувањето на настанот??? Дали Т-Mobile е спремен да го неутрализира и менаџира драстичниод пад на емоциите и појавата на огромното разочарување кај масовната публика - факти кои требаше да им бидат кристално јасни, дека „Шакира во живо, не е исто со Мараја Кери на холограм“.
За холограмот и околу него, можете да прочитате навала од коментари на компаниската фејсбук страница, во најголем дел со страшно негативна конотација, но ќе сретнете и позитивни објаснувања кои се во насока на охрабрувања и бранења на „вината“ на Т-Mobile. Логиката на таквите - позитивни величења на компанијата, е аргументот за, какошто го нарекуваат - „Македончето и неговата инфериорност со желба за критикување“. Имено, парафразирам, македонскиот народ има преголеми очекувања, секогаш желен за гага и за нешто повеќе (циритам: „сака од небо мобилни да му паѓаат“) и без обзири, бил толку критички настроен што не е никогаш задоволен од ниту една преземена акција.
Да! Тотално се согласувам! Тоа е една силна национална црта во карактерот на македонскиот народ, а на Т-Mobile треба да им биде тоа сознание јасно како ден, сфатено и разбрано како алфа и омега, бидејќи тие работат и фунционираат токму тука, на македонскиот пазар, и се рекламираат врз македонскиот потрошувач, кој по некоја случајност, е сосем различен од стандардите на европскиот, во својот потрошувачки склоп.
Т-Mobile треба не само да ги прифати овие навистина негативни црти на македонскиот конзумент на производи и реклами, туку и секоја нивна акција треба да биде внимателно филитрирана низ призмата токму на оваа влијателна карактерна црта и детермината. Во таа насока, нашата најголема телекомуникациска компанија и воедно најголем профитер на македонскиот пазар, не треба да се сити и радува на широката маса која се собра на плоштад, за перфектно и одлично да ја сними својата блескаво божиќно-новогодишна кампања, засладена со магијата на Мараја Кери, туку и да мисли што понатаму!
Зарем тимот на Т-Mobile не претпоставува дека негирањата и незадоволствата ќе се вивнат до небо, кај замрзнатата македонска публика од неприкладната температура, полна со очекувања дека можеби некој конечно ќе се смилува да донесе музичко име од светски калибар, но овој пат не со „поминат рок на траење“, со каквишто обично не’ залажуваат! Дали знае Т-Mobile што значи за „напатениот’ македонски потрошувач информација дека за прв пат ќе пристигне тековно-популарна светска пејачка од рангот на оние имиња кои кружеа вчера во јавноста, нетрпеливо чекајќи ја истата на температура речиси под нулата? Посебно, кога не само што не доби ни пет класи пониска, жива вистинска, природна појава, туку доби копија, воздух, фатаморгана, нешто што уште толку го потврди фактот дека нашава држава дефинитивно не е дестинација достојна за посета на музичко име, туку е само предмет на манипулации за повисок профит!
И за крај, доколку нашата број еден телекомуникациска компанија не се прашува, еве јас се прашувам што понатаму? Зошто наместо број еден рекламите со најнова технологија, еднаш не се обидат да го изменаџираат нивниот негативен имиџ кој владее во јавноста, туку истиот го „кријат под тепих’, заслепувајќи ги потрошувачите и себе си со школско-феноменални-ремек дело од реклами! Разберете, сега е само имиџ, но утре ќе бидат опипливи материјални средства, и таа бројка од 10,2 проценти пад на приходите, ќе стане дупла, носеќји падови, во услови кога еден нивен конкурент остварува силен пораст на сите полиња!
Но, како и да е, таквата инертност на најголемата и најпосакуваната македонска статусна компанија, верувам дека совршено и’ одговара, се додека статус кво ситуацијата полека но сигурно не се измени. До, тогаш, останува да доживееме и да споделиме уште многу прекрасни доживувања!
И да, да истакнам, настанот беше одлично технички изведен, секоја чест за пионирството во холограмската изведба на нашата сцена, прекрасна идеја на интернационалниот маркетинг тим на Deutsche Telekom, промоција на идеали и вредности на поврзување и здружување, сместувајќи не во семејството на „големите“, генијална замисла, од која ќе произлезе уште подобра новогодишна и магична кампања, мерак за очи, гордост дека бевме и присуствувавме на снимањето и божиќна радост за празниците кои следуваат. Но, не на овој начин.