Пред речиси една година, во македонските супермаркети осамна една „страшна“ комбинација на два тотално неспојливи производи, но за волја на вистината, силно поврзани врз база на целната група. Идејата на маркетерите со оваа промоциска спојка беше да го разбуди импулсот на таргетираната група, која по забележувањето на рафтот нема да остане рамнодушна и веднаш ќе го зграпчи ова ко-пакување!
Замислете, со купување на прашокот за перење DUEL не добивате како подарок, пример, нова мерна чашка за прашокот, нов омекнувач или нова количина плус од Duel, туку неверојатно, НОВИОТ АЛБУМ на Здравко Чолич!
Се работи за типичен добро-смислен и очекувано ефективен напад за продажба на два тотално (според техничките или употребливите атрибути) неспојливи производи! Но, тоа што ги поврзува е ноторната вистина за суровото таргетирање според некојси идентификуван балкански животен стил: ,,жените домаќинки перат и го слушаат Чола”. „Па зошто да не перат со Duel и во исто време уживаат во неговиот нов албум??“
Оваа директна, брутална и страшно искрена продажна промоција оди под анализата дека Југословенките во цутот на младоста, коси кубеле по Чола, во неговата ера на жарењето и палењето; сега тие жени се ,,пораснати” во средновечни ((карикирам)) ,,домаќинки кои се грижат за домот, перат и пеглаат, но сеуште затреперуваат на ритмите на најголемиот балкански заводник“! Во таа воочена ситуација, Biohemija и AZ PR Production виделе одлична маркетинг прилика своите два производа да ги спојат во идеално пакетче, под мотото „ПЕРИ И СЛУШАЈ“!!!
Па така, тие го протнуваат на задна врата, овој нов музички производ кој треба да падне директно во ,,мокрите раце” на домаќинките, инкогнито пенетрирајќи во нивните домови и заобиколувајќи ја останатата нетаргетирана и непотребна јавност. Со тоа, дистрибуцијата е феноменално решена, бидејќи никој веќе не купува „цедиња и касети“, а посебно не домаќинките!
Во исто време Duel, поддржан од засилениот мотив кон Чола, обезбедува влез и емотивно поврзување со својот таргет на македонскиот пазар, на кој долго време напаѓа и се бори по некоја „бившо-југословенска-братска линија“! Бенефит ем за Чола, ем за Duel! Синергија пет плус!
Што да правиме, мораме да признаеме дека идејата е одлична! Паметна герила ,,во последен момент, со двојни користи, инкогнито и директно во центарот” продажна промоција! Колку и да звучи смешна и несоодветна, сепак работи! Бравос!
xD
Голема благодарност до Ели, којашто го детектираше овој незаменлив момент и со тоа помогна во креирањето овој случај.