
Во моите раце случајно падна оваа реклама - оглас во весник, на ,,Plamen International” собни печки и камини, солидно средена, информативна, рационална. Во поглед на креацијата на огласот немам никакви забелешки, сепак се работи за ,,посебен” производ по своите карактеристики, кој не бара емоционална вклученост, ниту емоционално влијание со цел да се поттикне купување и слично, туку напротив, спредување на доста рационални фактори.
Но, тоа што ме шокираше и што ми го урна мислењето за овој просечен солиден флаер, ме натера да го прогласам за најнерационален ,,рационален” оглас што некогаш го имам видено и да помислам дека огласувачот е ,,надвор од умот“, е фактот што огласов го држев во раце сред лето! Температурата беше неподнослива, на работ да го премине 40-тиот целзиусов степен, животот и нормалното функционирање беа под „знак прашалник“ и се’ што луѓето бараа во тие услови беше ладна климатизирана сенка со многу пониска температура! Во тие неподносливи летни горештини јас во рака држев оглас за зимски печки и камини, од чија асоцијација и помисла добивав уште поголеми телесни мачнини!
Можеби некој би рекол дека се работи за трик и компанијата сака предвремено да ја зголеми продажбата со многу пониски цени во летниот период, наместо во зимскиот, каде природната побарувачка за нив е зголемена и аналогно на тоа, зголемени се и цените.
Да, се согласувам! Но, каде е пораката дека е така? Каде е повикот и апелот кој вели ,,дојдете и купете сега кога цените се драстично/дупло/двојно/многу пониски од зимскиот период”?!?! Каде е објаснувањето за ,,дисконтот и колку вие ќе заштедите”? Каде е ,,разликата помеѓу зимската и летна намалена цена”?? Наместо тоа, гледаме чисто зимска (ладна) и регуларна реклама, без никаков нагласок дека се работи за лето и намалени цени, а апелот ,,најдоброто по најповолни цени” ништо не кажува, посебно не дека се работи за ниски летни цени! Напротив, мене ми личи дека цената е иста бидејќи го купуваш ,,најдоброто”, без разлика на сезоната! Зошто тогаш би се дрзнал некој потрошувач сред летни горештини да набавува зимска печка?!
Да биде трагедијата уште поголема ,,Plamen International” ги рекламира своите печки на почетокот на летото, старт кој гарантира тропски горештини и уште многу месеци пред да се сетиме на ,,ланскиот зимски снег”.
Правилниот момент би бил да се огласува на почеток на септември, кога есента тропа на врата и кога неколкуте пониски степени температура, се чинат како најлута зима! Секако и во овој случај, НЕОПХОДНО е нагласување за дисконтот кој се дава пред сезоната, со што рационалните потрошувачи ќе се мотивираат да размислат/дојдат/го купат овој бренд.
Update: Истиов оглас излегол повторно во ТЕА Модерна, со дата 21 септември. Верувале или не, се работи за истата идентична слика, без никаква промена во текстот, апелите или сликите! Можам да гарантирам дека огласов ќе се појавува цела есен и зима, во определени интервали, без да се промени ни најмалку во својата содржина – со тоа што цените (барем во очите на потрошувачите) ќе останат исти, како во летото така и во зимата!
Измина октомври, поминува и ноември, и токму, тоа и се случува...