Read more: http://maiasfotos.blogspot.com/2010/03/customize-style-static-pageshide.html#ixzz1cUksQ6Lq

Правила за маркетингот

Правилото број 1 вели дека во маркетингот 2 + 2 = 5, но многу лесно може и да бидат и 1. Тоа значи дека сите елементи на маркетингот и неговите инструменти, алатки, сцени и постави, се подеднакво битни за целината на маркетинг миксот како и самиот маркетинг микс, бидејќи истиот се заснова на силна синергија. Синергијата може да биде позитивна или негативна. Доколку 2 + 2 = 4 значи дека работиме погрешно и со тоа добиваме негативна синергија. Но, наша цел е од тој збир да добиеме 5 и многу повеќе! Само во тој случај значи дека маркетинг миксот е оптимален, најдобар! Сите напори на компанијата треба да бидат во насока да се искреира оптимален маркетинг микс и со тоа да добие висока позитивна синергија.

Правилото број 2 вели дека во креирањето на маркетинг миксот на компанијата мора да се внимава и на најмалите ситници, бидејќи како што појаснува правилото број 1, сите инструменти и елементи се битни и заедно креираат синергетски ефект. Тоа е како голем синџир од алки кој има за цел да ја поврзе компанијата со профитот (односно целта) и не треба да има слаба алка, која лесно може да пукне и да ја врати компанијата на почеток. А ситници има многу, почнувајќи од бојата, фонтот и порамнувањето на буквите кои го креираат слоганот на рекламниот оглас на компанијата, кој е само еден мал елемент од  промотивниот инструмент. Па затоа, внимателност, конзистентност и унифицираност со останатите елементи се премисите кога се работи за креирањето на било кој елемент од маркетинг миксот.

Правилото број 3 или Законот на Перцепцијата (според The 22 Immutable Laws of Marketing: Violate Them at Your Own Risk! – од авторите Al Ries и Jack Trout) вели дека во борбата помеѓу производите, перцепцијата е поважна од реалноста. Тоа значи дека реалноста и вистинските факти не се воопшто битни, какошто некогаш биле, туку вистинската реалност е одредена од субјективното перцепирање, односно дека перцепцијата сега ја креира реалноста. И тоа перцепцијата на индивидуата, заедно поврзана со перцепциите на голем број индивидуи, ја креираат колективната перцептивна реалност. Упростено, тоа значи дека маркетингот, заедно со своите елементи ја креира реалноста за компанискиот производ, но гледано низ очите на потошувачите. Со цел да добиеме посакувана перцепција треба успешно да манипулираме преку сите 4П елементи, со посебен акцент на најсилно изразената промоција и да ја проектираме нашата замислена перцепција во главите на конзументите.

Правило број 4. Кога се работи за креирање економски пропагандни пораки важи правилото дека е дозволено да се користи сленг, урбан говор или дијалект, со цел да се направи пораката попривлечна, поблиска и поидентификувачка за слушателот. Па така, не само што е маркетинг „граматички“ дозволено, туку е и потребно и корисно за создавање поголема близина со таргетираниот потрошувач. Но, тоа што не смее да се дозволи е „случајното“ користење граматички и правописно несоодветни зборови и реченици, онаму кадешто нема за цел и улога да се создаде индентификација и приближување до посакуваниот таргет, и онаму кадешто тие грешки се појавуваат како резултат на превид, невнимание или незаинтересираност на креаторот. Таквите грешки треба да бидат најстрого осудени бидејќи го нарушуваат користењето на македонскиот јазик, правопис и говор, во неговата коректна и вистинска смисла.

...

Листата на Правила за mаркетингот и неговото успешно функционирање е долга и речиси неограничена. Наскоро ќе биде надополнета со уште неколку основни правила. 

comments